Бекам ја откри Америка

Објавено од Уредникот во Четврток, 11/01/2007 - 19:44 | Спорт

Ѕвездите што заоѓаат пополека ќе си го најдат своето место. Фиго ќе оди во Арабија, можеби и Роналдо ќе му се придружи, а Дејвид Бекам ќе се пресели во средиштето на филмската индустрија. Причината не е мала. Вреди 250 милиони долари.

Бекам нема повеќе причини да стравува за својата иднина. На крајот од оваа сезона ќе го напушти Реал од Мардид и кариерата ќе ја продолжи во редовите на американскиот Лос Анџелес Галакси.

„Откако разговарав со семејството и со советниците, одлучив да заминам во САД“, изјави англискиот фудбалер.

Бекам се договори со челниците на Галакси за петгодишен договор вреден неверојатни 250 милиони долари, што претставува еден од најголемите договори во историјата на спортот.

Пред медиумите изрази благодарност до навивачите на Кралскиот клуб за поддршката што му ја даваа, но не го спомна тренерот Капело со кого имаше лоши односи.

„Уживав во Мадрид и во овој град секогаш со задоволство повторно ќе доаѓам. Навивачите одлично ме прифатија и поради тоа неизмерно сум им благодарен“, додаде еден од последните Галактикоси кои го одбележаа крајот на минатиот и почетокот на овој век.

Зинедин Зидан е веќе во пензија, Луис Фиго одамна си замина од Реал, токму како и Мајкл Овен, а по нивните стапки тргна и Бекам. „На порта стои“ Роналдо, а само Роберто Карлос засега останува во Мадрид.

Времето на Галактикосите е минато, а новиот претседател Роман Калдерон и тренерот Капело ја напуштија политиката за доведување планетарни ѕвезди и се насочија кон промоција на млади и квалитетни играчи.

  • Таратур најубаво се срка со резолуција најмалку 1024*768 со Mozilla Firefox
  • Сите права задржани
  • Taratur © 2006